Квалиетниот сон може да има позитивен ефект врз здравјето на мозокот кај луѓе со дијабетес тип 2, срцеви заболувања или мозочен удар. Според нова студија, луѓето со овие здравствени состојби кои спиеле добро биле поуспешни во решавањето задачи што бараат брзо и логично размислување, објавува Medical News Today.
Сон и здравје на мозокот
Научниците анализирале податоци од речиси 409.000 возрасни лица, од кои повеќе од 50.000 имале барем една од наведените болести. Тие проучувале колку долго спиеле учесниците, дали имале проблеми со несоница, дали рчеле и дали се чувствувале уморни во текот на денот. Тие, исто така, испитале скенирања на мозокот на повеќе од 34.000 учесници.
Се покажа дека луѓето кои спиеле подобро постигнале подобри резултати на тестовите за размислување, расудување и брзина на обработка на информации. Тие исто така имале поголем вкупен волумен на мозокот.
Иако истражувањето не докажува дека квалитетниот сон е одговорен за овие резултати, научниците веруваат дека добрите навики за спиење би можеле да помогнат во зачувувањето на менталните способности.
Како спиењето влијае на мозокот?
Психијатарот Алекс Димитриу, кој не бил вклучен во студијата, објаснил дека сонот е исклучително важен за здравјето на мозокот. Додека спиеме, мозокот се ослободува од отпадните материи што се акумулираат во текот на денот. Квалитетниот сон може да помогне и во намалувањето на воспалението во телото.
Кардиологот Амит Блумфилд забележа дека лошиот сон може да го отежни отстранувањето на одредени штетни супстанции што се акумулираат во мозокот на луѓето со Алцхајмерова болест. Покрај тоа, лошиот квалитет на спиење е поврзан со висок крвен притисок, дијабетес и воспаление, што исто така може да придонесе за пад на менталните способности.
Како да спиете подобро?
Кардиологот Ју-Минг Ни советува спалната соба да се одржува што е можно потемна. Темните завеси или маската за очи можат да помогнат во ова. Тој исто така препорачува намалување на светлата навечер и намалување на времето поминато пред екран пред спиење.
Исто така е важно да се обрне внимание на проблеми како што се несоница, синдром на немирни нозе или апнеја, или привремени прекини во дишењето за време на спиењето. Нивното лекување може значително да го подобри квалитетот на спиењето.
Лекарите нагласуваат дека добриот сон е важен дел од здравствената заштита, исто како и балансираната исхрана и редовната физичка активност. Дури и малите промени во нашите вечерни навики можат да ни помогнат да спиеме подобро и да придонесат за нашето долгорочно здравје.
