back to top
5.8 C
Skopje
сабота, 28 ноември , 2026

Сопруг претепа жена до животозагрозувачка состојба: има скршени ребра, повреди на белите дробови и крварење во мозокот

Други наслови

Четириесет и двегодишна жена од Гостивар е во животозагрозувачка состојба откако, според првичните информации, била брутално претепана од сопругот. Жената синоќа била донесена на Ургентниот центар во Скопје, по што поради сериозноста на повредите била пренесена на интензивна нега на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ).

Според информациите за нејзината здравствена состојба, жената има скршени ребра, парцијален пневмоторакс и субдурален хематом, односно крвен подлив меѓу мозочните обвивки.

Станува збор за сериозни повреди. Скршените ребра можат да предизвикаат силна болка при дишење и движење, додека пневмотораксот означува присуство на воздух во просторот меѓу белите дробови и ѕидот на градниот кош, што може да доведе до делумно колабирање на белодробното крило и отежнато дишење. Субдуралниот хематом, пак, претставува насобирање крв меѓу мозочните обвивки и може да предизвика сериозни невролошки компликации.

Јавното обвинителство денеска соопшти дека осомничениот е обезбеден и дека се преземаат дејствија за расчистување на случајот.

„Се преземаат сите дејствија за итно прибирање докази, согласно воспоставената процедура за итна координација и постапување по пријави за семејно насилство. Вклучени се и полициски службеници и Центарот за социјални работи“, соопштија од Јавното обвинителство.

Оттаму посочуваат дека правната квалификација на делото ќе биде одредена врз основа на прибраните докази.

Според информациите од Обвинителството, обезбедениот осомничен е сопругот на повредената жена.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести