back to top
-0.2 C
Skopje
недела, 29 ноември , 2026

Левица: Онколошките пациенти цела недела се враќаат без лек

Други наслови

Онколошките пациенти цела недела се враќаат без терапија со таксол (паклитаксел), анастрозол се најавува дури по 15 декември, а недостига и гентамицин, обвинува Левица, барајќи итна интервентна набавка на лековите и утврдување одговорност.

„Во здравствениот систем на ДПМНЕ, на пациентите не им е доволно што мораат да ја водат најтешката битка во својот живот, туку мораат да се борат и со државата за воопшто да добијат шанса да преживеат“, се наведува во партиското соопштение.

Од Левица потсетуваат дека уште во јануари минатата година, тогашниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, проблемот со недостигот на лекови го лоцирал во несоодветното планирање на набавките, а годинава гарантирал дека онколошките пациенти нема да останат без терапија.

„Речиси две години подоцна, Клековски е унапреден во министер, а пациентите се уназадени во лекувањето“, реагираат од партијата.

Во соопштението се критикува и процесот на вакцинација против сезонски грип, при што Левица тврди дека граѓаните, особено надвор од Скопје, сè уште чекаат покани за вакцинација. Според партијата, меѓу оние кои чекаат се и постарите лица, хронично болните и трудниците, на кои министерот им советувал да имаат трпение.

Левица бара итно објавување на целокупниот список на лекови што недостигаат, податоци за бројот на пациенти на кои им е одложена терапијата, интервентна набавка и постапка за утврдување одговорност за загрозувањето на нивното здравје.

Повторно ја актуелизираат и идејата за формирање државна веледрогерија со механизам за интервентен увоз, оценувајќи дека здравјето на граѓаните не треба да зависи од комерцијалните интереси на приватните веледрогерии и бирократските процедури.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести