back to top
0.8 C
Skopje
недела, 29 ноември , 2026

Снегот направи проблеми во Тетовско и Гостиварско, повеќе села останаа без струја

Други наслови

Патната мрежа низ Македонија засега е проодна, но поради снежните врнежи на одредени делници сообраќајот се одвива во зимски услови, со влажни коловози и остатоци од кашест снег. Најсериозна е состојбата во тетовскиот и гостиварскиот регион, каде повеќе населени места останале без електрична енергија.

Според информациите на Центарот за управување со кризи, до 13:30 часот екипите на надлежните претпријатија биле на терен и работеле на расчистување и посолување на патиштата.

Во Тетовско и Гостиварско, покрај интервенциите на патиштата кон повисоките населени места, пријавени се прекини во снабдувањето со електрична енергија. Без струја се Попова Шапка, Лисец и Гајре, дел од селата во општините Брвеница и Боговиње, како и поголем број населени места во гостиварскиот регион.

Снежна покривка има и во Кратовско. Во градот снегот достигнува околу пет сантиметри, додека во селото Мушково има околу 15 сантиметри, поради што движењето се одвива со теренски возила. Во Старо Нагоричане снежната покривка изнесува од три до пет сантиметри, а во повисоките планински места во велешкиот регион околу 10 сантиметри.

Во скопскиот регион сите патишта се проодни, но на одредени места има остатоци од кашест снег. Проодни се и патните правци во Битолско, Штипско, Струмичко и Охридско, каде коловозите се претежно влажни.

Од ЦУК информираат дека екипите продолжуваат со расчистување на патиштата. Засега нема опасност од излевање на реките во општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести