back to top
16.8 C
Skopje
петок, 25 септември , 2026

„Безбеден град“ во Охридскиот регион стартува од 12 октомври, најава Тошковски

Други наслови

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на СВР Охрид и Регионалниот центар за гранични работи Запад, каде со раководствата разговараше за актуелната безбедносна состојба, тековните активности и приоритетите во работењето.

Во СВР Охрид, посебен акцент беше ставен на завршните подготовки на командниот центар, неопходен за практична примена на системот „Безбеден град“ на подрачјето на Секторот. На средбата беше констатирано дека активностите се во завршна фаза и дека системот треба да започне со примена од 12 октомври.

„Во завршна фаза сме со уредувањето на командниот центар во СВР Охрид, кој е неопходен за да започнеме со практична примена на ‘Безбеден град’. Начелно се договоривме со раководството дека ќе бидеме подготвени системот да започне со примена од 12 октомври на целата територија на СВР Охрид. Тоа значи дека ‘Безбеден град’ го прошируваме и на подрачјата на Охрид, Струга, Кичево и Дебар. Во следните две недели треба да ги завршиме преостанатите активности за овој паметен систем целосно да го ставиме во функција“, истакна министерот Тошковски.

Во рамки на посетата се разговараше и за состојбите и резултатите во борбата против криминалот и корупцијата, спречувањето на нелегалната трговија и дистрибуцијата на дрога, одржувањето на јавниот ред и мир, како и за активностите за подобрување на безбедноста во сообраќајот.

При посетата на Регионалниот центар за гранични работи Запад, министерот информираше и за значаен исчекор во соработката со ФРОНТЕКС. Договорено е активностите што досега се спроведуваат на јужната граница да бидат проширени и кон западната граница, при што почетокот на заедничките активности се очекува на почетокот на идната година.

„За првпат е договорено ФРОНТЕКС, во рамки на соработката што ја имаме со Европската Унија, своите активности да ги насочи и кон западната граница, а не само кон јужната како досега. Очекуваме заедничките активности да започнат на почетокот на идната година, со што ќе обезбедиме дополнителни капацитети и подобра контрола на западната граница, пред сè кон Република Албанија“, потенцираше Тошковски.

Министерот нагласи дека Министерството за внатрешни работи продолжува со активности за модернизација на полициското работење, зајакнување на граничната безбедност и унапредување на капацитетите на полициските служби, со цел поефикасно справување со безбедносните предизвици и поголема безбедност на граѓаните.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести