back to top
9.8 C
Skopje
среда, 4 ноември , 2026

ДОМ: Кога жена или девојка пријавува насилство, а потоа е убиена, тоа не може да се третира како обичен административен пропуст

Други наслови

Убиството на 17-годишната девојка во Богданци не е „трагична несреќа“, ниту пак „уште една страшна вест“. Ова е суров потсетник на институционалниот неуспех и на колапсот на системот што треба да ги штити граѓаните. До кога жртвите ќе ја бараат заштитата низ бирократски лавиринти, додека надлежните институции ги третираат пријавите како обична статистика, прашуваат од ДОМ.

„Девојката претходно пријавила насилство. Побарала помош. Институциите имале сознанија за претходните случаи на насилство, а сепак таа не добила ефикасна заштита. Нејзиниот живот заврши во опожарено возило. Која е смислата на законите, мерките за заштита и службите што постојат само на хартија, ако насилството може да ескалира до ваков исход? Институциите не смеат да се кријат зад фразата дека „постапувале според протокол“. Кога жена или девојка пријавува насилство, а потоа е убиена, тоа не може да се третира како обичен административен пропуст“, велат од партијата.

ДОМ бара итно, бескомпромисно и транспарентно утврдување на целата институционална одговорност: кој конкретно во полицијата, обвинителството и центарот за социјална работа постапувал во овој случај? Како бил проценет ризикот, дали биле спроведени и контролирани мерките за заштита и зошто тие не го спречиле трагичниот исход?

„Истрагата мора да ги испита сите околности и евентуалните пропусти во постапувањето на институциите. Смртта на осомничениот не смее да значи и крај на утврдувањето на одговорноста на службените лица. Мора да има последици за секој за кого ќе се докаже дека со своето несовесно постапување придонел за овој трагичен исход. Доста е од празни соопштенија, ветувања и експресни осуди што се повторуваат по секој нов фемицид. Секое следно убиство на жена или девојка е ново обвинение против државата, која декларативно зборува за родова еднаквост, а во пракса не успева да им обезбеди основна заштита на оние што бараат помош. ДОМ бара одговорност. Бараме итна ревизија на сите активни пријави за семејно и родово базирано насилство, утврдување индивидуална одговорност и конкретни мерки за отстранување на институционалните пропусти. Не утре, кога ќе има нова жртва, туку сега – за да се спаси нечиј живот“, велат од ДОМ.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести