back to top
14.1 C
Skopje
среда, 14 октомври , 2026

Филипче иронично: „За гравитацијата? Јас. Врне? Јас“ – Манасиевски возврати: „Ние само прашавме, не обвинивме“

Други наслови

Размената на реакции меѓу лидерот на СДСМ, Венко Филипче, и портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, продолжи по обвинувањата и прашањата што владејачката партија ги изнесе во врска со случајот на Ива Михаилова.

Филипче со иронична објава на социјалната мрежа Икс реагираше на прес-конференцијата на Манасиевски, на која портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ постави прашања за можна поврзаност на Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев со лекарскиот извештај за Михаилова и нејзиното заминување во Бугарија.

„Денес прашувам: Има ли нешто за што не сум виновен? Може ли нешто да ме заобиколи? За гравитацијата? Јас. Врне? Јас. Сонцето изгреало? Јас. Ветерот? Јас. Земјата што се врти? Јас. Доаѓа зимата? Јас. Водата што тече? Пак јас“, напиша Филипче.

Тој ја обвини власта дека со ваквите тврдења се обидува да го одвлече вниманието од сопствените неуспеси.

„Не сум виновен што оваа банда повеќе не може да ги скрие неуспесите. Не сум виновен што лагите повеќе не поминуваат. Немаат повеќе ни Латас ни Мицкоски инспирација за вакви глупости“, наведе лидерот на СДСМ.

На реакцијата на Филипче одговори Манасиевски, кој изјави дека ВМРО-ДПМНЕ не изнела директни обвинувања, туку поставила прашања за случајот.

„Ние не обвинуваме, туку директно прашуваме дали Венко Филипче и Зоран Заев имаат ургирано, како што пренесоа и одредени медиуми и портали во јавноста, кај нивниот близок другар и доктор Иван Барбов да направи извештај“, изјави Манасиевски.

Тој се повика на лекарски извештај од 19 март 2026 година, за кој тврди дека го изготвил докторот Иван Барбов и во кој било наведено дека понатамошното лекување на Михаилова треба да продолжи во Бугарија, бидејќи такво лекување не можело да ѝ биде овозможено во Македонија.
Манасиевски дополнително го праша Филипче зошто неговата реакција била толку бурна.

„Зошто Венко Филипче толку многу се возбуди и веднаш помисли дека некој го обвинува за бегството на Ива Михаилова, јас тоа не го знам и ќе ве упатам да го поставите ова исто прашање токму до Венко Филипче“, рече Манасиевски.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести