back to top
21.8 C
Skopje
недела, 27 септември , 2026

„Филипче со малата група се фракција во СДСМ, тој е претседател на фиктивни картички за гласање“, велат Организаторите на „Разговори за иднината во 12:05“

Други наслови

Организаторите на „Разговори за иднината во 12:05“ реагираа на денешната прес-конференција на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, отфрлајќи ги неговите обвинувања за вчерашната сесија.

„Имаме разбирање за причините за растечката нервоза, но вакви манипулации нема да одмолчиме“, велат организаторите, додавајќи дека сакаат да го заштитат интегритетот на учесниците кои не се политичари.

Тие тврдат дека Филипче и неговата група се „фракција во СДСМ“.

„Тој не е претседател на членството туку претседател на фиктивни картички за гласање. Денес се потврди токму тоа. Со сите притисоци врз членовите, тој на прес конференцијата собра половина раководство и стотина луѓе во публика. Тоа е помалку од еден процент од гласовите кои наводно ги освои на внатрепартиските избори. Венко Филипче нема образ за обвинувањата кои ги пласира. На пример, во неговиот Централен одбор седи Рубин Земон, човекот кој го оспорува Македонскиот великан Гоце Делчев“, наведуваат организаторите на платформата.

Во однос на присуството на Левица на вчерашната дебата, организаторите велат дека со оваа партија имаат „многу разлики“, но додаваат: „Сме согласни за едно – „на ти – дај ми“ тандемот Мицкоски – Филипче мора да бидат поразени“.

Тие ја оценуваат вчерашната дебата како „идеолошка, експертска и демократска“, каква што, според нив, „во СДСМ не се случила со години“.

„Таа маса на Платформата вчера тежеше минимум 150 илјади гласа“, наведуваат организаторите.

Во реакцијата тие го обвинуваат Филипче дека „ги одвраќа опозициските гласови од СДСМ“ и дека „мора да одработи во полза на ВМРО-ДПМНЕ“.

„Главен кочничар на обединувањето на опозициската демократска и прогресивна јавност е ова изгубено партиско раководство чија единствена цел им е да се докопаат до пратенички мандати. Мнозинството членови на СДСМ мислат со своја глава и знаат да препознаат кој за што се бори. Венко Филипче не е, и не може лажно да и се продава на јавноста како жртва, бидејќи тој е егзекуторот на највалканиот дил во поновата политичка историја на Македонија“, стои во реакцијата.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести