Општина Центар ги повикува учениците од општинските основни училишта да аплицираат за стипендии во три категории: култура, наука, техника и посебни вештини, како и спорт. Дополнително се доделуваат стипендии на осум талентирани ученици од семејства со висок социјален ризик.
Висина на стипендиите во категориите култура, наука, техника и посебни вештини, изнесува 4.000 и 4.500 денари месечно, додека за спортските стипендии се предвидени 3.500, 4.500 и 5.000 денари месечно, во тек на осум месеци во тековната учебна година.
„Го исполнивме предизборното ветување за зголемување на ученичките стипендии за 50 проценти. Со оваа мерка обезбедуваме поголема поддршка за знаењето, креативноста, талентот и спортскиот дух на нашите ученици. Тие се нашата иднина и заслужуваат услови во кои ќе можат да се развиваат и да ги остваруваат своите амбиции“, порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Секој ученик може да аплицира само во една категорија.
За пријавување потребно е да се достават потврда од училиште дека е редовен ученик/чка, кратка биографија, контакт од родител или старател, фотокопии од свидетелства, добиени дипломи, признанија и награди, како и потврди од надлежните федерации или акредитирани организации, согласно категоријата за која се аплицира.
Документите се поднесуваат во Архивата на Општина Центар-Скопје или по пошта на адреса: ул. „Михаил Цоков“ бр. 1, Скопје, со соодветна назнака за категоријата.
Крајниот рок за поднесување на документите е 23.9.2026 година.
Огласите се објавени на веб-страницата на Општина Центар, каде што се наведени сите услови и потребни документи за аплицирање, соопштија од општината.
