back to top
28.8 C
Skopje
петок, 18 септември , 2026

Хоџа: Зелената агенда мора да премине од заложби кон конкретни резултати за граѓаните од Западен Балкан

Други наслови

Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, учествува на Третиот министерски состанок за Зелената агенда за Западен Балкан (GAWB), што се одржува на 18 и 19 септември во Жабљак, Црна Гора, во рамки на претседавањето на Црна Гора со Берлинскиот процес за 2026 година.

Во обраќањето на главната сесија „Зелена агенда за Западен Балкан – од заложби кон реализација“, министерот Хоџа ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон Зелената агенда и европската интеграција, посочувајќи дека во следната фаза фокусот треба да биде на имплементација, инвестиции и регионална соработка.

„Зелената агенда треба сè повеќе да стане платформа за регионална имплементација, а не само за регионален дијалог. Загадувањето не застанува на границите, а климатските ризици се заеднички“, порача Хоџа, нагласувајќи ја потребата од заеднички решенија, размена на знаење и податоци, усогласување на стандардите и развој на регионална инфраструктура таму каде што тоа е оправдано.

„Успехот нема да се мери според бројот на усвоени документи. Ќе се мери според конкретните промени кои носат бенефит за граѓаните од целиот регион“, истакна Хоџа.

Во однос на клучните приоритети на Северна Македонија во наредниот период, министерот се осврна на забрзувањето на инвестициите во обновливи извори и енергетска ефикасност, зајакнување на климатското управување и подготовката за европската климатска рамка, праведна транзиција за регионите зависни од јаглен, забрзување на реформите во управувањето со отпадот и циркуларната економија, како и зајакнување на климатската адаптација, заштитата на природата и биолошката разновидност.

Третиот министерски состанок на Зелената агенда за Западен Балкан претставува форум за согледување на досегашниот напредок и утврдување на политичките насоки за следната фаза од имплементацијата на Зелената агенда.

Во рамки на состанокот во Црна Гора е предвидено усвојување на Министерската декларација за Зелената агенда за 2026 година, како и политичка поддршка за клучни чекори на регионално ниво.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести