Излезноста во вториот круг од предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница до 9 часот изнесува 3,98 отсто. Правото на глас дотогаш го оствариле 646 граѓани, информираше портпаролката на Државната изборна комисија (ДИК), Радица Тодоровска-Алексовска.
Според податоците пристигнати во ДИК, излезноста е поголема за 1,52 процентни поени во споредба со првиот круг, одржан на 18 октомври. Тогаш до 9 часот гласале 400 граѓани, односно 2,46 отсто од запишаните избирачи.
Најголема излезност е регистрирана на избирачкото место 2037, каде што гласале 8,7 отсто од избирачите, додека најмала е забележана на избирачкото место 2048, со 1,25 отсто.
Гласањето започна во 7 часот, а сите избирачки места биле отворени навреме. Според информациите од ДИК, изборниот процес засега се одвива во мирна атмосфера.
Во вториот круг граѓаните избираат меѓу двајца кандидати. Право на глас имаат вкупно 16.256 избирачи, кои гласаат на 24 избирачки места.
