Министерката за образование и наука Весна Јаневска ги отфрли обвинувањата на СДСМ за лошите услови во студентскиот дом „Стив Наумов“, посочувајќи дека студентите престојуваат во современ и реновиран објект, а евентуалните технички недостатоци ќе бидат отстранети навремено од изведувачот, со оглед дека објектот е под гарантен рок.
Јаневска денеска изврши непосреден увид во домот, откако претходно беа поканети медиумите, но и претставнци на политичката партија СДСМ, кои не се одзваа на поканата. При посетата на домот, министерката порача дека тврдењата за рушење ѕидови, протекување покриви и други сериозни недостатоци не одговараат на реалната состојба.
„Денес видов дека СДСМ држеше прес. Партијата синоним за лицемерство, рече дека е со студентите. Еве како СДСМ во негово време беше со студентите. Живееја во ужасни услови во домовите. Сега е сосема поинаку, оваа Влада навистина се грижи за младите. Имавте можност да влезете во домот и да видите“, изјави Јаневска.
Министерката нагласи дека студентскиот дом „Стив Наумов“ е реконструиран од австриска компанија во соработка со Европската Унија и дека европските претставници при посетите го оценија како еден од најмодерните на Балканот.
„Не само ние туку и европретставниците потврдија дека ова е еден од најубавите и најмодерни домови на Балканот, а во споредба и со некои други земји пошироко“, истакна министерката.
Во однос на забелешките за одредени технички недостатоци, Јаневска рече дека кај новоизградени објекти може да се појават поединечни проблеми, но нагласи дека домот е под гаранција и дека изведувачката компанија ќе мора да ги отстрани сите утврдени дефекти.
„Дали може да се случи некаков инцидент? Да, може да се случи, домот е нов и стан кога купуваат граѓаните, може да се случи нешто да не е баш како што треба. Домот е под гаранција, фирмата е позната, сè што треба да поправи ќе се поправи и ние ќе се држиме до тоа. Но, дека се рушат ѕидовите, дека течат покириви или дека се случува нешто друго, не е точно. Вие сами видовте“, изјави таа.
Министерката апелираше до семејствата на студентите да не подлегнуваат на обидите на политичките партии и други злонамерници да ги вознемируваат со информации дека нивните деца се сместени во небезбедни услови.
„Децата им живеат во убави услови кои досега ги немало во оваа земја и ќе продолжат во исти такви услови да живеат. Доколку имаат каква било забелешка за живеењето во домот, ние тоа ќе го поправиме“, рече Јаневска.
