„Неработникот и недоаѓач на работа екс-вицепремиер наместо казна и вратени пари за незаработената плата доби унапредување и измислена функција во Брисел како “специјален претставник на Владата” при ЕУ. И така (о)стана дел “елитата” платена со народни пари. Тоа е сѐ што јавноста дозна. Додека цените растат побрзо од платите и додека над 70.000 денари се потребни за основни трошоци за еден месец, Владата се луксузира и се расфрла со пари исцицани од народот за задоволување на лични хирови и договори“, велат од ЛДП.
„Граѓаните и јавноста имаат право да дознаат што е точно мисијата и улогата на нејзиниот “специјален претставник при ЕУ во Брисел”, кога државата има свој највисок претставник со титула амбасадор при ЕУ и цела амбасада во Брисел? Нели се добри и доволни амбасадорот и сите дипломати во Брисел? Оваа Влада измисли и цело ново Министерство за европски работи, па со тоа измисли и заменик министер и државен секретар, платени скапо од народот, со цели кабинети, возила, службени трошоци и куп други вработени. Па нели им е работа на нив да бидат често во Брисел и да не претставуваат при ЕУ покрај веќе честото присуство на министерот за надворешни работи исто во Брисел и исто во ЕУ?
ЛДП бара Владата јавно и транспарентно да соопшти која е специјалната мисија на Фетаи во Брисел, што е тоа дополнително што ќе го работи вон постоечките капацитети и какви се очекувањата за успех на неговата мисија? Исто така, граѓаните имаат право да знаат колку точно месечно ги чини оваа “специјално измислена мисија на расфрлање на пари” за плати, надоместоци, трошоци и слично? Потребно е јавноста да се знае дали специјалниот претставник работи согласно законот и му е подреден на амбасадорот или работи незаконски и на средбите и на објавите?
На граѓаните им е преку глава од тоа власта да се расфрла со нивните пари за задоволување на лични амбиции или партиски договори. Потсетуваме на милионите евра кои буквално се фрлаат на непотребни државни органи, на измислени министерства, на заменици министри, на заменици директори, на гломазни и преплатени управни и надзорни одбори, на кабинети и на луксузирање. Кога нема пари за лекови и за терапија, кога нема пари за зголемување на студентскиот оброк, кога нема пари за намалување на ДДВ и акцизата на горивата, кога нема пари за социјални потреби тоа е затоа што некој намерно и свесно се расфрла со парите на народот. Да беше само скандалот со прославата на независноста ќе бевме среќни.
ЛДП бара одговори, транспарентност и итно да се прекине намерното свесно цедење на тенкиот буџет на граѓанинот“, се наведува во соопштението на ЛДП.
