back to top
10.8 C
Skopje
четврток, 15 октомври , 2026

ЛДП: Мегаскандалот Михаилова е доказ за ерозија на институциите и го дозакопува нашето европско досие

Други наслови

„Несфатливо е како може власта да нема ниту трошка грижа на совест и да не го разбира значењето на свечената заклетва што ја положија пред пратениците во Собранието, кога раката ја ставија на Уставот и законите колнејќи се во чесно, законито и одговорно владеење. Денес, кога државните решета пукаат насекаде, министрите во владата мирно седат во фотелјите и глумат изненадени аналитичари. Крајно безобразие што македонските власти се однесуваат како ништо да не се случило, ладнокрвно чекајќи целиот овој мегаскандал да биде само „секое чудо за три дена“. Овој чин ги запечатува веќе длабоко вкоренетите перцепции за целосна неспособност и ја дефинира докрај длабоката ерозија на институциите, но уште полошо – директно го минира и онака разнишаното македонско европско досие“, велат од ЛДП.

„За целосно неверување е тоа што Шефот на раштиманата елита е комплетно нем и нема апсолутно никаков став за оваа институционална катастрофа, иако секојдневно наоѓа време да ја коментира секоја ситница во државата каде сѐ зависи од него. Очекувавме тој самиот да ја покрене темата во Собранието, да преземе одговорност и јавно да соопшти кого сѐ разрешил поради овој пропуст, тој избира срамен молк со надеж дека целата афера ќе ја бутне под тепих и ќе ја прати во заборав. Многу греши! Ваквото неодговорно замижување носи сериозни политички и дипломатски ризици кои директно ја уриваат европската перспектива на државата. Порозноста на границите веќе станува предмет на остри критики, бидејќи Европската комисија во годишните извештаи за напредок внимателно ја следи ефикасноста на граничната контрола и интеграцијата во шенгенските безбедносни стандарди.

Целата оваа хаварија покажува очајна несоодветност и целосна несинхронизизација меѓу судските власти и граничната полиција, што веднаш резултира со притисоци од ЕУ за поголеми реформи во главните поглавја кои ги опфаќаат темелните вредности, владеењето на правото и безбедносниот систем. Непреченото преминување на лица под активни судски мерки во земја-членка на Унијата ќе отвори сериозни дипломатски тензии и прашања за безбедносниот интегритет на државата.

Јасно е дека системот е во понапредната фаза на распад. Но, власта мора да знае едно: казната можеби нема да стаса за три дена, но овој удар ќе ги погоди многу посилно отколку што очекуваат кога ќе дојде време за соочување со граѓаните на изборите. Либерално-демократската партија не заборава, народот не заборава и секој пропуштен закон, секоја лага и секоја неправда ќе си ја добијат својата заслужена пресуда кога ќе бидеме прашани — порано или подоцна“, соопштуваат од ЛДП.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести