„Либерално-демократската партија (ЛДП) го поздравува конечното признание од Владата дека од државниот буџет со години немилосрдно се испумпуваат и фрлаат милиони евра за фиктивни трошоци. Она за што цело време гласно и гласно предупредувавме конечно се потврди како сурова вистина: во право бевме тогаш, во право сме и сега! Објавата дека се откриени над 4.500 лажни корисници на социјална помош — меѓу кои починати, иселени и фиктивни лица — со што се правела штета од 25 милиони евра годишно, е само капка во океанот на буџетското расфрлање кое го празни џебот на македонскиот граѓанин“, велат од ЛДП.
„Замислете ја оваа поразителна математика: ако само на едно место, кај социјалните исплати, се заштедуваат дури 25 милиони евра годишно, колку десетици, па дури и над сто милиони евра народни пари годишно се фрлаат за измислени функции, непотребни функционери и партиски луксузи? Колку милиони евра чинат фатаморгана-функциите како таа на Фетаи во Брисел? Колку нѐ чини армијата непотребни заменици-министри и заменици-директори кои служат како безгласни кукли, а имаат високи плати, луксузни кабинети и службени возила? Колку милиони одат за измислените работни места во јавната администрација каде што луѓе земаат плата за пиење кафе, наместо работата да се поедностави и дигитализира?
Пораката од ЛДП до Владата е јасна: фокусирајте се таму каде што самите го протежирате и заштитувате грабежот — е тоа ќе биде вистинска реформа! Не е реформа само да се фокусирате и да се застане кај социјалната помош. Продолжете и итно скратете го расфрлањето со сите измислени позиции, непотребни кабинети, советнички места, управни и надзорни одбори кои служат исклучително за подмирување партиски апетити. Дури кога тие стотина милиони евра ќе се вратат во буџетот, ќе можеме да зборуваме за вистинско заштедување и реформа.
Тие стотици милиони евра мора веднаш да им се вратат на оние од кои беа земени — на граѓаните и стопанството. Со тие заштедени пари ќе има средства за намалување и субвенционирање на горивата, ќе има повеќе за студентскиот оброк, подобро здравство и за реален економски раст кој ќе ги направи нашите граѓани побогати, наместо да бидат најсиромашни во Европа.
Почнете со укинувањето на измислената функција на Фетаи. Така можеби и ќе поверуваме дека сте искрени!
Е таа реформа – ставањето крај на расфрлањето со умисла – Владата мора да ја направи веднаш, денес и без никакво одлагање, затоа што на грабежот на народот мора конечно да му се стави крај!“, се наведува во соопштението на ЛДП.
