back to top
3.8 C
Skopje
понеделник, 5 октомври , 2026

Левица го засилува фронтот во изборна единица 1: Против бетонизацијата, загадувањето, узурпацијата на јавниот простор и недомаќинското трошење пари

Други наслови

Вчера се одржа есенското Советување на советничките групи на Левица од општините Аеродром, Кисела Вода, Центар и Карпош, под координација на потпретседателот на Левица и пратеник во Собранието на Република Македонија, м-р Реџеп Исмаил – Хактан.

Како што известија од Левица, советниците ги утврдија заедничките правци на делување за претстојниот период, со јасна цел локалните проблеми на грѓаните повеќе да не остануваат затворени во општинските канцеларии, туку организирано, упорно и институционално да се отвораат пред јавноста и пред оние што носат одлуки.

„Во центарот на заедничкото делување ќе бидат проблемите што директно го влошуваат животот на скопјани: загадувањето, урбанистичкиот хаос и узурпацијата на јавниот простор, условите во градинките и недомаќинското трошење на народните пари. Посебен фронт ќе биде борбата против урбанистичката мафија и моделот во кој зеленилото, природното наследство и просторот што им припаѓа на сите се третираат како плен за приватен профит.

Левица ќе го прошири фронтот и ќе продолжи со институционален и јавен отпор кон урбанистички решенија кои го загрозуваат хуманото живеење, со посебен акцент на случајот Барутана/Водно. Водно не е градежна парцела, туку заеднички природен бисер на скопјани кој мора да се заштити од бетонизација и узурпација од страна на богаташите збогатени со народни пари.

Истовремено, советничките групи ќе отворат сериозна контрола врз состојбата во јавните градинки и индустриското загадување. Ќе се бараат конкретни податоци за листите на чекање, капацитетите, бројот и условите на вработените, потребата од нови групи и плановите за проширување, затоа што јавната градинка мора да биде достапна услуга, а не привилегија за оние што имаат средства за алтернатива.

Во борбата против загадувањето, Левица ќе ги користи сите советнички и институционални механизми за барање мерења, инспекциски надзори, јавни расправи, документи и одговорност од надлежните институции. Посебен фокус ќе биде ставен на случајот УСЈЕ, како симбол на потребата граѓаните да имаат јасни, достапни и проверливи информации за загадувањето и за постапувањето на институциите. Скопјани не смеат да бидат жртви на профитот на поединци кои дури не се ни жители а ниту пак државјани на Република Македонија.

Под засилена контрола ќе биде и трошењето на јавните пари. Советниците на Левица ќе бараат за секој поголем проект да се знае колку чини, од каде се обезбедени средствата, колкав дел е реализиран, кој ја добил работата и што конкретно добиле граѓаните за потрошените милиони. Политиката на сечење ленти, маркетинг и самофалење со туѓи и народни пари мора да биде заменета со мерливи резултати и јавна одговорност.

На Советувањето беше потврдена заедничката определба советниците на Левица да настапуваат координирано, организирано и борбено, водени од јасна идеолошка позиција: локалната власт не смее да биде продолжена рака на градежниот капитал, индустриските загадувачи и партиско-бизнис интересите“, соопшти Левица.

Од партијата ги повикуваат жителите на Скопје, поединечно или како организации, активно да се вклучат во детектирање и отворањето на локалните проблеми преку пријави, документи, сведоштва и други форми на информирање до нашите советници.

„Левица останува автентичниот глас на отпорот во општините против бетонизацијата, загадувањето, распродажбата на јавниот простор, распадот на јавните услуги и недомаќинското трошење на народните пари“, додаваат од партијата.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести