Во изминатите 3 години студентите се оштетени за 6,5 милиони евра како резултат на тоа што не е качен оброкот. Левица предложи измени на Законот за субвенциониран студентски оброк со кои износот ќе се утврдува во висина од 1% од минималната плата, а правото ќе важи за сите студенти. ДПМНЕ го одби предлогот, а Министерството за образование продолжи да го крши законот и да одбива да ја усогласи субвенцијата со растот на трошоците за живот. Власта не може да исполни ни законска обврска за една од ретките мизерни бенефиции што им ги обезбедува на студентите, реагираат од Левица.
Весна Јаневска до неодамна, додаваат од партијата, ги лажеше студентите дека оброкот веќе е зголемен, а сега повторно ветува зголемување, без да соопшти кога ќе се случи тоа. Во меѓувреме, министерството ја пренасочува дебатата кон електронски ваучери и промени во системот, избегнувајќи го она што со закон е ДОЛЖНО да го направи: да ја усогласи субвенцијата со инфлацијата.
„Подеднакво бесрамни се и најавите на Мицкоски дека студентскиот оброк ќе изнесува 4.500 денари месечно. Тоа се околу 170 денари дневно, сума со која Владата очекува студентите да ги покриваат трошоците за исхрана во услови на постојан раст на цените. Ваквата најава е далеку од барањата на студентите и од предлогот на Левица за системско решение со кое субвенцијата ќе се врзе за минималната плата и ќе се усогласува со реалниот раст на трошоците за живот. Наместо да лицитира со износи, Владата е законски обврзана итно да ја усогласи субвенцијата со инфлацијата, по три години игнорирање на оваа обврска“.
Левица, како што нагласуваат од таму, нема да дозволи ова прашање повторно да биде затскриено зад празни ветувања. Студентите, со поддршка на Левица, најавија поведување постапка против министерката Весна Јаневска пред Управниот суд и поднесување претставка до Народниот правобранител поради непочитувањето на нивните законски права. „Ќе продолжиме да бараме одгворност од Министерството за образование сè додека законот не се спроведе, а студентскиот оброк не се усогласи со реалниот пораст на трошоците за живот“.
