Податоците на Управата за јавни приходи уште еднаш покажуваат дека Левица беше единствената политичка партија која отворено застана против коцкарската индустрија. Само во првите шест месеци од годинава, граѓаните на Македонија и странските државјани потрошиле речиси 1,6 милијарди евра во казина, автомат-клубови и обложувалници. Секоја година коцкарскиот бизнис станува поголем, а секоја година народот станува посиромашен, посочуваат од Левица.
Левица, напоменуваат од партијата, со години предупредува дека зад „игрите на среќа“ стои цела индустрија изградена врз економската беда на народот.
„Затоа во Собранието баравме укинување на казината, обложувалниците и автомат-клубовите, ограничување на онлајн коцкањето и забрана на агресивното рекламирање со кое коцкањето се продава како нормална забава. Додека другите партии молчеа или предлагаа козметички измени, Левица отвори фронт против целата оваа индустрија. Власта, наместо да ја сопре, реши само да ја премести од една улица на друга.
А проблемот не завршува со последниот денар изгубен во обложувалница. Кога ќе исчезнат платата и заштедата, доаѓаат брзите кредити. Кога ќе се потроши и кредитот, доаѓа нов кредит. Така се создава спирала на коцкање, задолжување и сиромаштија, во која едни го губат својот доход, а други го претвораат во профит. Токму затоа Левица отвори фронт и против брзите кредити и ги повика граѓаните да ги пријавуваат злоупотребите на финансиските друштва. Не можеме да зборуваме за коцкарската индустрија, а да го игнорираме системот на лихварство што стои веднаш до неа“.
Во Македонија, оценуваат од партијата, се создава економија во која сиромаштијата на народот станува туѓ профит. Наместо парите да останат во семејствата, да се потрошат на ионака скапите храна, домување, образование, тие, додаваат од Левица, исчезнуваат во автомати, казина и обложувалници. „А потоа истиот човек зема брз кредит за да го преживее месецот. Ова е добро осмислен бизнис-модел, аминуван од власта на ДПМНЕ.
Затоа Левица нема да престане да бара целосна забрана на коцкањето и ограничување на рекламирањето на „игрите на среќа“. Додека власта ги брои даноците што ги собира од коцкарскиот бизнис, Левица ги брои милијардите што народот ги губи директно во џебовите на коцкарските газди и сите човечки иднини згаснати ради нормализираната коцкарска зависност“.
