Премиерот, Христијан Мицкоски, денеска, одговарајќи на новинарско прашање во однос на ставовите на СДСМ дека „Алта банка“ ќе пропадне и дека во банката нема кеш, изјави:
„Да, можеби треба да внимаваме на сите оние пораки коишто доаѓаат од опозициската СДСМ, бидејќи искуството досега вели дека, без исклучок, сѐ е невистина. Тргнете наназад од тоа дека ќе банкротираме, преку мигрантите, па сѐ до овој случај на ‘Алта банка’.
Јас сум свесен дека кај нив Фројд работи дури и додека сонуваат и се обидуваат овие хорор-соништа, коишто ги сонуваат, да ги пренесат на граѓаните, но имам чувство, честопати се повикувам на моите чувства, дека нивниот сон нема да биде и реалност, односно јаве. И дека тоа што го работиме и тоа што го сработивме изминатиов период ќе резултира со нов сопственик на ‘Стопанска банка Битола’ и дека сѐ ќе биде онака како што треба. Впрочем, доказ за тоа е и континуираното ослободување од, би рекол, мерките коишто беа применети на самиот почеток. И дали имало или нема кеш, јас ве повикувам да појдете во некои од филијалите, да ги прашате граѓаните коишто одат таму и коишто подигнуваат тоа што им припаѓа, да ги прашате нив дали има кеш или нема кеш. Јас не можам да одговорам, бидејќи немам сметка во ‘Стопанска банка Битола’“.
