back to top
20.8 C
Skopje
четврток, 8 октомври , 2026

Обвинителството не најде докази за кривично дело, но констатирани се безбедносни слабости во компјутерскиот систем на Кабинетот на претседателката

Други наслови

По спроведена предистражна постапка во однос на наводите од поднесената кривична пријава со сомненија за неовластен пристап до компјутерскиот систем во Кабинетот на Претседателката на Република Северна Македонија и неовластено прибирање податоци, предметниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Резолуција со која оцени дека нема основ за натамошно јавнообвинителско постапување, соопштија од Јавното обвинителство.

„Во текот на постапката, со наредба од Основниот кривичен суд беше обезбедена компјутерска опрема врз која се извршени информатичко-форензички анализи. Беа анализирани и податоци од мобилни уреди и беа прибрани и известувања од лица запознаени со настанот.

Според извештаите на Секторот за компјутерски криминал при МВР, не се утврдени дигитални траги или други форензички показатели за неовластено навлегување во компјутерскиот систем, ниту се пронајдени докази за снимање и прибирање класифицирани податоци.

При анализите се констатирани одредени безбедносни и административни слабости во конфигурацијата на системот, кои можеле да претставуваат потенцијален безбедносен ризик, но не биле утврдени дигитални докази за извршување на пријавените кривични дела.

По оценка на сите прибрани докази, надлежниот јавен обвинител утврди дека не се исполнети законските обележја на кривичните дела „Оддавање државна тајна“ од член 317 и „Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ од член 251 од Кривичниот законик, ниту пак на друго кривично дело кое се гони по службена должност“, се вели во информацијата од Обвинителството.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести