Американската компанија за вештачка интелигенција OpenAI денес објави дека основа нова деловна единица вредна повеќе од четири милијарди долари.
Новата компанија ќе им помага на организациите да развиваат и имплементираат системи за вештачка интелигенција (ВИ) и ќе ја преземе консултантската фирма Томоро за проширување на бизнисот во корпоративниот сектор, објави Ројтерс.
Новата компанија, наречена OpenAI Deployment Company, ќе се фокусира на имплементација на напредни решенија за вештачка интелигенција во големи организации. Новата единица ќе вработува експерти кои ќе работат директно со компаниите за да идентификуваат области каде што вештачката интелигенција може да има најголем ефект.
Со аквизицијата на Tomoro, OpenAI веднаш ќе добие околу 150 инженери и експерти за имплементација на системи за вештачка интелигенција. Tomoro е основана во 2023 година, а меѓу нејзините клиенти се Mattel, Red Bull, Tesco и Virgin Atlantic.
Овој потег дојде во време на сè посилна конкуренција во деловната примена на вештачката интелигенција, каде што конкурентот Антропик исто така бележи значителен раст со своите модели во областа на cloud computing.
