На покана на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во официјална посета на Република Северна Македонија престојуваше министерот за надворешни и европски работи на Република Словачка, Јурај Бланар.
Главен фокус на разговорите беше ставен на натамошното унапредување на билатералните односи и реафирмирањето на словачката поддршка на нашиот процес на европска интеграција. На средбата беше заеднички оценето дека односите меѓу двете земји се на високо ниво, при што беше изразен особен интерес за продлабочување на економската соработка и привлекување нови инвестиции.
Министерот Муцунски ја истакна важноста на принципиелната поддршка од Словачка за европската перспектива на Западен Балкан и за полноправното членство на нашата земја во Европската Унија.
„Нашето очекување е јасно: процесот на европска интеграција да биде кредибилен, предвидлив и заснован на заслуги, а напредокот да се оценува според утврдените критериуми и стандарди“, истакна Муцунски.
Говорејќи за европската интеграција, министерот Муцунски ја потврди силната посветеност на Владата на реформите и спроведувањето на Реформската агенда.
Од своја страна, министерот Бланар ја реафирмираше силната поддршка на Словачка за нашиот европски пат, нагласувајќи дека Европската Унија мора да продолжи со процесот на проширување и да испрати јасен сигнал до земјите од Западен Балкан дека членството претставува реална перспектива.
„Словачка Република е против какви било двојни стандарди во пристапувањето кон Европската Унија. Не можеме да прифатиме европска интеграција заснована на европски стандарди да има различни критериуми за различни држави“, истакна Бланар.
Во тој контекст, словачкиот министер ја посочи нашата земја како успешен пример во имплементацијата на Планот за раст, нагласувајќи ја важноста од конкретни резултати и јасна европска перспектива за регионот.
Во разговорите посебно внимание беше посветено и на трговијата и директните инвестиции, како и на можностите за натамошно јакнење на соработката во образованието и културата. Беше нагласено дека долгогодишното партнерство претставува силна основа за отворање нови можности во областите од заемен интерес.
Министерот Муцунски ја изрази благодарноста за активниот ангажман на Словачка во поддршка на регионалната безбедност, економскиот развој и забрзувањето на европската интеграција.
Двајцата министри ја потврдија определбата за натамошно продлабочување на партнерството и за конкретни резултати во интерес на граѓаните на двете земји.
