Алта банка немала забрана за работа во Европската Унија, а македонските институции немале основа да го спречат нејзиниот влез во земјава, тврди портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски. На денешната прес-конференција тој посочи дека банката поседувала удел во австриската Адико банка и имала договор за соработка со Рајфајзен банка, обвинувајќи ги СДСМ и Венко Филипче дека шират невистини и ја манипулираат јавноста.
Манасиевски побара Јавното обвинителство да поведе постапка против Филипче, тврдејќи дека со неговите изјави се правел обид за предизвикување потрес на финансискиот пазар.
„Во текот на вчерашниот ден, претседателот Мицкоски го матираше Венко Филипче. Вистината излезе на виделина околу случајот со Алта банка, односно претседателот Мицкоски јасно презентираше документ, а тоа е извадок од Нацрт записник од 194 седница на владата одржана на 24 октомври 2023 година. Тогаш претседател на Владата бил Димитар Ковачевски и на самата седница на владата се отворила темата за Алта Банка АД Белград, односно тогашниот министер за финансии, Фатмир Бесими, излегува со информација во која бара од Владата да му се одобри на Државното правобранителство да влезе во деловни односи со Алта Банка- Србија.
Значи, уште во 2023 година владата на СДС и на ДУИ на владина седница му дале насока на Државното правобранителство да влезе во деловни односи со Алта Банка со истиот овој сопственик, Давор Мацура.
Денес, ќе ми дозволите да разобличиме уште една лага, а таа е за наводите на Венко Филипче и СДС дека Алта банка и нејзиниот сопственик имале некаква забрана за работа во ЕУ.
Се што кажа СДС за Алта банка е лага.
Не само што Алта банка не била санкционирана од ЕЦБ, туку напротив до самиот чин на нејзино затворање таа имала удел во банка во ЕУ.
Токму ова е извадок од официјалната страна на Адико банка од Виена, од кое се гледа дека токму Алта банка поседува 9,63% од акциите на Адико банка.
Патем, овој удел Алта банка го поседува и ден денес и се уште е во сопственост на Алта банка Србија.
Алта банка влегува во Македонија како банка која што има удели во банка во ЕУ.
Осум месеци, откако Алта банка влегла во Македонија, матичната банка од Србија склучува договор со Рајфајзен банка од Виена, која е една од најголемите и најпознатите банки во ЕУ.
Алта банка и Рајфајзен банка прават договор дека по преземањето на Адико банка, од страна на Рајфајзен банка истата ќе и ги продаде филијалите на Адико односно на Алта банка во БиХ, Србија и Црна Гора.
Еве токму ова е извадoк од нивната веб страница односно од соопштение, а е напишано врз база на одлука на бордот на директори на банката, во кое јасно се гледа, стои во соопштението, Рајфајзен банка на две страни.
Оваа одлука е активна се до згаснувањето на Алта банка во Србија, по што истите донесуваат нова одлука по згаснувањето, дека трансакцијата којашто требале да ја направат со Алта банка ја откажуваат, а тоа е токму ова соопштение коешто го изнесуваат, дека Рајфајзен банка ја прекинува соработката со Алта банка.
Почитувани граѓани,
Со ова, директно се докажува дека македонскиот регулатор и институции, немале апсолутно никаква можност да забранат Алта банка да влезе во Македонија, затоа што истата не само што не била забранета во ЕУ, туку била дел од сопственичките структури на банка на токму ЕУ.
Ова се многу сериозни докази, кои водат до заклучок дека СДС и Венко Филипче како нејзин претседател, свесно манипулира и креира хистерија со цел да направи потрес на финансискиот пазар, што патем не им успеа, но не ги пере од одговорност.
Ова се доволно силни основи ЈО да истражи и поведе постапка против Венко Филипче“, рече Манасиевски.
