Граѓаните и компаниите треба навреме да ги планираат своите плаќања, бидејќи денеска и утре, 7 и 8 ноември, се можни привремени прекини и ограничувања на дел од банкарските услуги. Причината се техничките прилагодувања што банките ги спроведуваат поради воведувањето нови стандарди во денарскиот платен промет, кои почнуваат да се применуваат од понеделник, 9 ноември, информира Македонската банкарска асоцијација.
Ограничувањата главно се однесуваат на платежните трансакции, а секоја банка одделно ги објавува термините и услугите што ќе бидат засегнати. Од Асоцијацијата ги повикуваат корисниците навреме да ги завршат планираните плаќања и редовно да ги следат известувањата од своите банки.
Од Стопанска банка Скопје информираат дека денеска налози преку електронското банкарство ќе можат да се креираат до 14 часот. По овој термин нема да биде можно креирање налози ниту за тековен ниту за иден датум. Ограничувањето ќе продолжи и утре, сè до повторното воспоставување на системот на 9 ноември.
Од банката нагласуваат дека платежните картички ќе останат целосно функционални. Клиентите непречено ќе можат да плаќаат на ПОС-терминали, како и да подигнуваат и уплаќаат готовина преку банкоматите.
Ограничена достапност на дигиталните услуги најави и НЛБ банка. Од денеска во 10 часот, па во текот на целиот викенд, интернет- и мобилното банкарство ќе бидат со ограничена достапност.
Во овој период целосно ќе бидат недостапни уплатите на банкоматите, но подигнувањето готовина ќе се одвива непречено. Клиентите ќе можат да ги користат платежните картички за плаќања на ПОС-терминали во трговската мрежа, како и за интернет-плаќања.
Од понеделник, 9 ноември, почнува примената на новите платни налози, шифрите за целта на плаќањето и користењето платежни сметки во ИБАН-формат. Постојните броеви на сметките остануваат непроменети, а банките автоматски ќе го приспособат нивното прикажување во новиот формат во електронското и мобилното банкарство.
Од Македонската банкарска асоцијација појаснуваат дека станува збор за однапред планирани технички активности, кои се дел од процесот на модернизација на националниот платен промет.
