Владата ќе настојува струјата за македонските граѓани да не поскапи, но доколку е неопходно, поскапувањето ќе биде под 5 %. Ова е маргината на која работи Владата, рече денес на брифинг со новинарите премиерот Христијан Мицкоски. Тој вели дека енергетската криза која почна од крајот на февруари, годинава, станува се подлабока, а резервите на гас во Европа се веќе на 50%. За да „ја затвори зимата без големи ценовни скокови“ премиерот Мицкоски извести дека Владата работи на нов бизнис- модел за Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) со кој ќе се зголеми домашното производство на струја. Се подготвува ископ и транспорт на јаглен од Косово за РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“.
За снабдувањето со јаглен да оди без застој, Армијата и Царината веќе подготвуваат посебен граничен премин за камионите, покрај граничниот премин Блаце. Тоа е граничниот премин кој порано го користеше КФОР, а планот е таму да минуваат само камионите со јаглен. Премеирот Мицкоски очекува на овој премин дневно да минуваат по 200 камиони и уште 50-60 камиони да го користат граничниот премин „Блаце“, односно да се превезуваат над 6.000 тони јаглен дневно.
Мицкоски најави и рестартирање на ТЕЦ „Неготино“ со тоа што таму транспортот на мазутот не би одел со камиони туку ќе се користи железничката пруга од пристаништето во Солун. Државни компании вели дека веќе го прилагодуваат кракот кој од главната пруга влегува во ТЕЦ „Неготино“, односно дрвените прагови на пругата ги менуваат со бетонски со носивост над 10 тони.
Тендерот за избор на компанија која ќе го врши ископот и транспортот на јаглен од Косово е во тек.
Во прилог на стабилна цена на струјата кај нас и покрај продлабочувањето на енергетската криза во Европа, Мицкоски наведе дека, според податоците од Управата за хидрометеорологија, не очекува зима со температури над просекот од последниве 15 години, а над просекот ќе бидат и дождот и снегот.
