Поранешниот руски шаховски велемајстор и политички активист Гари Каспаров изјави дека рускиот претседател Владимир Путин нема намера да склучи мировен договор со Украина.
Тој додаде дека е поголема веројатноста војната да ескалира по парламентарните избори во Москва во септември.
Како што рече тој, растечкиот притисок го прави Путин посклоен кон ескалација отколку кон компромис, дека секое решение освен руски пораз само би ѝ дало време на Москва да се прегрупира и очекува дека таков потег би можел да вклучува упад во земја на источното крило на НАТО, како што се Латвија или Естонија , со цел да се тестира дали другите членки на алијансата, а особено Соединетите Американски Држави, ќе одговорат, пишува Политико.
Тој посочи на неодамна предложените законски измени на руската влада, кои го олеснуваат мобилизирањето на трупите со укинување на медицинскиот преглед што претходно беше потребен за регрутирање војници, како еден показател дека Москва се подготвува за продолжен конфликт .
„Нема ниту еден знак во руската пропагандна машинерија, во постапките на руската влада, во говорите на Путин дека Кремљ се подготвува за мир. Сите знаци укажуваат само на едно нешто – војна, војна, војна, војна“, рече Каспаров .
Каспаров, кој се смета за еден од најголемите шахисти во историјата откако стана апсолутен светски шампион на 22-годишна возраст, е еден од 10-те руски опозициски личности кои учествуваат во Платформата за дијалог со руските демократски сили на Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Иницијативата има за цел да им даде глас на руските демократи во егзил во европските институции.
„Кога Путин ќе ја изгуби војната – тој паѓа“
Каспаров рече дека една од нејзините непосредни цели е да им помогне на Русите кои ја напуштиле земјата да обезбедат правен статус и важечки документи откако ќе им истечат руските документи.
Тој исто така тврди дека европските влади треба да промовираат програма за пребегнување на квалификувани Руси кои се подготвени да ги прекинат врските со Кремљ.
„Која е најслабата точка на Путин? Мозокот. Компјутерски експерти, инженери, финансиери. Не им е потребна социјална поддршка, само документи. Па што велите да им понудиме шанса да ја сменат страната? Нашата најголема надеж е да го одвоиме Путин од елитата“, рече тој.

Тој додаде дека ЕУ треба да ги засили санкциите и да ги забрани туристичките визи за руските граѓани како дел од тие напори.
„ Мора да се погрижиме Путин да изгуби , бидејќи во моментот кога Путин ќе ја изгуби војната, тој паѓа “, заклучи Каспаров.
