Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вечерва ќе ги свика коалициските партнери и израелските шефови на безбедносните сили на итен состанок поради, како што вели, „многу лош“ привремен договор меѓу САД и Иран.
Според извештајот, американскиот претставник Стив Виткоф наводно силно го „притиска“ Трамп да го прифати договорот, додека израелските власти веруваат дека тој сака договор по секоја цена и врши притисок војната да не продолжи, објавува „Тајмс оф Израел“.
Израел, како што е наведено, проценува дека договорот би бил „многу голем проблем“ и е во спротивност со јавните изјави на Нетанјаху и Трамп
Условите, според извештајот, вклучуваат повторно отворање на Ормутскиот теснец во замена за финансиски бенефиции, додека нуклеарната програма и залихите на збогатен ураниум на Иран ќе бидат разгледани подоцна, а балистичката програма воопшто не е вклучена.
И покрај ова, се вели дека постои тесна координација меѓу Нетанјаху и Трамп, иако други извори тврдат дека израелскиот премиер е речиси исклучен од разговорите.
Трамп претходно изјави дека Нетанјаху е во дилема околу евентуален договор, но ги отфрли тврдењата дека би бил загрижен за лош договор.
Деталниот текст на договорот не е официјално објавен, иако некои медиуми објавија наводни нацрти, објавува израелскиот портал.
Иранските власти велат дека меморандумот ќе вклучува постепено отворање на Ормутскиот теснец и деблокирање на иранските средства, со продолжување на преговорите за конечен договор.
