Рускиот претседател Владимир Путин им нареди на своите високи функционери да подготват предлози за можни тестирања на нуклеарно оружје, откако американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела изјави дека САД ќе продолжат со ваквите тестови.
Путин рече дека Русија отсекогаш строго се придржувала кон своите обврски од Договорот за сеопфатна забрана за нуклеарни проби, но дека доколку САД или која било друга нуклеарна сила тестира такво оружје, Русија ќе го стори истото.
Министерот за одбрана Андреј Белошов му рече на Путин дека неодамнешните изјави и потезите на Соединетите Американски Држави значат дека е препорачливо веднаш да се подготват за целосни нуклеарни тестови.
Белоусов додаде дека рускиот арктички полигон за тестирање на Новаја Земја би можел да биде домаќин на вакви тестови на краток рок.
„Им наредувам на Министерството за надворешни работи, Министерството за одбрана, специјалните служби и надлежните цивилни агенции да сторат сè за да соберат дополнителни информации за ова прашање, да го анализираат во Советот за безбедност и да дадат договорени предлози за евентуално започнување на подготовките за тестирање на нуклеарно оружје“, рече Путин.
САД последен пат спроведоа тест во 1992 година, Кина и Франција во 1996 година, а Советскиот Сојуз во 1990 година. Постсоветска Русија, која го наследи советскиот нуклеарен арсенал, никогаш не го сторила тоа.
