Полицијата на германската покраина Саксонија пронашла 12 рачно изработени експлозивни направи на далноводи , спречувајќи обид за напад врз електричната мрежа во областите Бауцен и Герлиц.
Експлозивни направи беа деактивирани на две трафостаници, како што објавија полициската управа на Герлиц и канцеларијата на јавниот обвинител во Дрезден.
Како мерка на претпазливост, потрагата по енергетската инфраструктура продолжува, објави радио „Дојчефунк“.
Властите во Саксонија велат дека истражуваат можна поврзаност со слични случаи на експлозивни направи откриени во Бранденбург и Северна Рајна-Вестфалија.
Се бара осомничениот кој ја презеде одговорноста за овие напади врз системот за снабдување со електрична енергија, а истражителите пронајдоа експлозиви во станот на 48-годишникот.
Во писмото во кое ја презема одговорноста, осомничениот наводно се изјаснил против производството на електрична енергија од фосилни горива.
Во меѓувреме, полицијата во Ерфурт, главниот град на Тирингија, соопшти дека на нива е пронајдена сомнителна рачно изработена експлозивна направа.
Германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринт во овој контекст зборуваше за климатскиот тероризам, додека министерот на Северна Рајна-Вестфалија, Ројл, исто така, ги осуди нападите.
„Секој што го загрозува снабдувањето со електрична енергија на болниците не ја штити климата, туку загрозува животи“, рече овој политичар од ЦДУ.
Во вторник наутро, непознати лица користеле импровизирани летачки направи, слични на ракети-огномет, за да насочат спроводлив материјал кон високонапонски далноводи и предизвикале прекини во снабдувањето со електрична енергија.
