Американските разузнавачки аналитичари истражуваат дали Русија му обезбедила на Иран информации за таргетирање и напредна технологија за неодамнешните напади со беспилотни летала врз објекти на ЦИА во регионот на Заливот, потврдија четири разузнавачки извори.
Иако сè уште не се донесени официјални заклучоци, сомнежот е поттикнат од исклучителната прецизност на ударот и поширокото техничко партнерство меѓу Москва и Техеран.
Во март беа погодени најмалку две локации на ЦИА, станица во американската амбасада во Ријад (Саудиска Арабија) и објект во источен Ирак, додека извори велат дека биле погодени и повеќе тајни локации, пишува Ројтерс.
Во нападот врз амбасадата во Ријад беа употребени два ирански дрона „Шахед“: првиот направи отвор во надворешниот ѕид, а вториот прелета низ него и детонираше. Немаше повредени.
Според аналитичарите и документите на западните разузнавачки служби, Русија му помогнала на Иран да ја подобри точноста на беспилотните летала „Шахед-136“ со снабдување на напредниот сателитски навигациски систем „Комета-М“, кој е отпорен на попречување.
Според регионален службеник кој имал пристап до интерен меморандум од западна разузнавачка агенција, Русија веројатно играла улога во нападот врз објектите на ЦИА во регионот. Службеникот ги сподели изворите и авторството на документот под услов на анонимност.
Покрај технологијата, се истражува дали Москва дала тајни информации за точните локации на канцелариите на ЦИА, со оглед на тоа што малку други земји имаат ресурси и интерес да собираат такви чувствителни информации против САД.
Загриженоста во Вашингтон дополнително се зголеми по неодамнешниот ирански напад со балистички ракети врз американската база во Јордан, во кој загинаа двајца војници.
Даниел Хофман, поранешен шеф на станица на ЦИА и таен оперативец, рече дека нема да биде изненадувачки ако Москва му помогне на Техеран да ги гаѓа објектите на ЦИА, со оглед на нивното тесно стратешко партнерство.
„Тие имаат заеднички интерес да се обидат да го намалат или целосно да го елиминираат влијанието на САД во нивните самопрогласени сфери на влијание“, рече тој.
