Цирих стана втор најскап град во светот за своите најбогати жители, веднаш зад Сингапур, бидејќи зајакнувањето на швајцарскиот франк дополнително ги зголеми трошоците за живот во американски долари.
Според индексот на животниот стандард за богати поединци на банката „Јулиус Баер“, швајцарскиот град напредувал на листата за три места во споредба со минатата година, пренесува Swiss info.
Индексот не ги мери класичните трошоци за живот на просечниот жител, туку цената на луксузен животен стандард за луѓе со големи приходи и средства , тој е фокусиран на цените на луксузните недвижности и автомобили, приватното образование и здравствените услуги, врвните ресторани или авионските билети за бизнис класа, како и други трошоци над стандардните.
Во Цирих, според истражувањето, недвижностите, велосипедите, луксузните торби, здравствените услуги, ласерската корекција на видот и спа третманите се особено скапи.
Од друга страна, приватното образование е релативно попристапно во Цирих во споредба со другите светски центри за богатите.
Сингапур остана на врвот на листата , каде што високите цени на недвижностите, автомобилите и силната валута најмногу придонесуваат за скапиот живот за богатите поединци.
Меѓу трите најскапи градови беше Монако , додека на четвртото и петтото место беа Хонг Конг и Лондон .
Според истражувањето, трошоците за живот за богатите луѓе ширум светот се зголемиле во просек за околу 10 проценти во долари во текот на изминатата година, поттикнати од инфлацијата и промените во девизните курсеви.
Податоците за индексот беа собрани до крајот на февруари 2026 година, а истражувањето беше завршено на почетокот на март, па затоа влијанието на последователниот конфликт на Блискиот Исток и неговите последици врз енергетските пазари не се вклучени во резултатите.
