Ед Ширан поминува низ еден од најтешките периоди во својата кариера откако одлуката да се откаже настапот на раперот Меклмор предизвика верижна реакција што ја загрози неговата светска турнеја, а тој изгуби половина милион следбеници на социјалните мрежи за седум дена.
Сè започна на 14 септември кога Меклмор објави дека, по една недела „тешки разговори“ со Ширан, е отстранет од турнејата. Причината за оваа одлука лежи во изјавите на Меклмор за време на настапот на стадионот „МетЛајф“ на почетокот на септември, каде што ја изведе својата протестна песна „Хиндс Хол“ осудувајќи ги воените акции на Израел во Газа.
Раперот претходно беше исфрлен од настап на стадионот „Жилет“ во близина на Бостон, откако сопственикот на стадионот Роберт Крафт го обвини за „говор на омраза“.
Одлуката за отстранување на Меклмор предизвика бран на солидарност меѓу другите изведувачи. Сите придружни уметници на Ширан – Финеас, Лукас Греам и Арон Роу – како и неговиот придружен бенд Беога, официјално објавија дека ја напуштаат турнејата во знак на поддршка на раперот и народот на Палестина.
Во исто време, Ширан се соочи со огромен пад на следбеници на Инстаграм. Пред ова соопштение, тој имаше 47,6 милиони следбеници, но за само 24 часа тој број се намали на 47,3 милиони. Според аналитичката платформа Social Blade, само на 15 септември – денот кога Ширан првпат го објави соопштението – неговиот профил изгуби речиси 150.000 следбеници, со дополнителен пад од над 98.000 следниот ден. Вкупно, Ширан изгуби половина милион следбеници за само една недела.
Од друга страна, според извештајот на „Њузвик“, музичарите кои ја напуштиле турнејата или биле отстранети од неа забележале вкупен раст од 1,6 милиони нови следбеници во истиот период.
Кулминацијата на драмата се случи во саботата на концерт во Филаделфија, каде Ширан се појави на сцената сам, без придружен бенд и воведни групи. Пред 50.000 посетители, видливо потресен и на работ на солзи, музичарот им се обрати на публиката:
„Изминатата недела беше една од најлошите во мојот живот. Беше многу чуден ден, но вечервашниот настап е искрено најдобриот настап во мојот живот. Навистина не знаев дали оваа турнеја ќе продолжи. Не знаев дали некогаш повторно ќе се качам на сцената и дали воопшто сакам да бидам уметник. Во вакви моменти навистина откриваш кои се твоите вистински пријатели.“
Бројни корисници на социјалните мрежи го обвинија за слабост, додека други застанаа во негова одбрана, истакнувајќи дека Ширан не е политичар и дека употребата на телесуфлер е само доказ за неговата желба прецизно и внимателно да формулира изјава за толку чувствителна тема.
