Европската комисија стави на располагање 49 милиони евра за Албанија, 44,2 милиони евра за Црна Гора и 65,7 милиони евра за Македонија, како дел од Планот за раст за Западен Балкан.
Европската комисија вели дека трансакциите доаѓаат по третото барање за плаќање и позитивната оценка на Комисијата за преземените реформски чекори во областите на конкурентноста на претпријатијата и иновациите во Албанија и Црна Гора, како и образованието и дигитализацијата во Македонија.
„Планот за раст за Западен Балкан, усвоен во 2023 година, има за цел да ги донесе придобивките од членството на земјите-партнери во регионот дури и пред нивното пристапување во ЕУ, има за цел да ги интегрира партнерите во единствениот пазар на ЕУ, да ја подобри регионалната економска соработка, да ги продлабочи реформите поврзани со ЕУ и да го зголеми претпристапното финансирање. Ова, пак, го забрзува процесот на проширување и растот на партнерските економии“, потсетува Брисел.
Со денешната исплата, вкупниот износ распределен во рамките на овој фонд достигнува 212,8 милиони евра за Албанија, 89,3 милиони евра за Црна Гора и 142,1 милиони евра за Северна Македонија.
Европската комисија доделува средства од овој План за раст поединечно на секоја земја, и тоа само кога таа ги исполнува специфичните услови од нејзината „Реформска агенда“, документ во кој се наведени точните реформи на кои земјата се обврзала.
