Голем број случаи на рак би можеле да се избегнат со усвојување на поздрави животни навики и намалување на изложеноста на фактори на ризик, според нова анализа на Светската здравствена организација (СЗО).
Според експертските проценки, повеќе од една третина од сите дијагнози на рак се поврзани со причини на кои може да се влијае.
Најголемиот број на случаи што може да се спречат се однесува на рак на белите дробови , желудникот и грлото на матката, што укажува на важноста на превенцијата, раното откривање и промените во животниот стил.
– Справувањето со овие причини што може да се спречат претставува една од најмоќните можности за намалување на глобалниот товар од рак – изјави Изабел Серџоматарам, медицински епидемиолог на СЗО и главен автор на анализата.
Податоците покажуваат дека во текот на 2022 година, низ целиот свет ќе бидат регистрирани речиси 19 милиони нови случаи на рак, а околу 38 проценти од нив се поврзани со 30 модифицирачки фактори на ризик.
Тука спаѓаат пушењето, консумирањето алкохол, дебелината, недоволната физичка активност, загадувањето на воздухот, изложеноста на УВ зрачење, одредени инфекции, како и одредени професионални ризици.
Пушењето и алкохолот се меѓу најголемите ризици
Анализата покажува дека пушењето е сè уште водечка причина за рак што може да се спречи. Оваа навика е поврзана со околу 15 проценти од сите новооткриени случаи на рак во светот, додека кај мажите процентот е уште поголем и изнесува приближно 23 проценти.
Веднаш зад пушењето е консумирањето алкохол, кое е поврзано со околу 700.000 нови случаи на рак, односно со 3,2 проценти од сите дијагнози во текот на набљудуваната година.
Загадувањето и инфекциите играат голема улога
Покрај начинот на живот, факторите од околината исто така имаат значајно влијание .

Во некои делови од светот, загадувањето на воздухот е поврзано со високи стапки на рак на белите дробови, особено кај жените во Источна Азија и мажите во Северна Африка и Западна Азија.
ХПВ кај жени
Експертите велат дека инфекциите се одговорни за приближно десет проценти од новите случаи на рак. Кај жените, се издвојува високоризичниот хуман папилома вирус (HPV), кој може да доведе до развој на рак на грлото на матката.
Иако денес постои вакцина која обезбедува заштита од ХПВ и може да спречи голем број од овие болести, покриеноста со имунизација во многу земји сè уште не е на задоволително ниво.
Рак на желудник
Кога станува збор за рак на желудник , тој се јавува почесто кај мажите, а ризикот се зголемува со пушење, одредени инфекции, како и лоши хигиенски услови и ограничен пристап до безбедна вода.

– Со анализа на моделите низ земјите и групите на население, можеме да им обезбедиме на владите и поединците поточни информации што можат да помогнат во спречувањето на многу случаи на рак пред тие дури и да се појават – рече Андре Илбави, лидер на тимот за контрола на ракот на СЗО и коавтор на анализата.
Резултатите од истражувањата покажуваат дека комбинацијата од поздрави животни навики, намалување на изложеноста на штетни фактори и поголема покриеност со превентивни мерки би можела значително да го намали бројот на нови случаи на рак низ целиот свет, објавува „Nature Medicine“.
