Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, на Светскиот спортски самит, кој се одржа деновиве во Дубаи, најави можна револуционерна промена на правилата за офсајд, која ја презентираше познатиот поранешен тренер на Арсенал, Арсен Венгер.
„Размислуваме за промена на правилото за офсајд, кое еволуираше со текот на годините и моментално бара напаѓачот да биде зад дефанзивецот. Можеби во иднина напаѓачот ќе мора да биде целосно напред за да се смета за офсајд. Продолжуваме да ги испитуваме правилата, прашувајќи се себеси како можеме да ја направиме играта поофанзивна, попривлечна“, рече Инфантино.
Венгер воведе промена во правилото за офсајд пред две години, а ИФАБ (Меѓународниот одбор на фудбалски асоцијации) е телото кое мора да го признае секое фудбалско правило пред да биде усвоено.
Венгеровиот закон е создаден како предлог за подобрување на правилото за офсајд, бидејќи често е извор на контроверзии кога разликата помеѓу дефанзивецот и напаѓачот е толку мала што е едвај видлива со око.
Според неговиот предлог, офсајд повеќе нема да се досудува ако само дел од телото на напаѓачот е пред противникот, туку само ако целото тело на напаѓачот е пред дефанзивецот.
ИФАБ ќе го анализира законот на Венгер на состанок на 20 јануари во Лондон, а предлогот ќе биде разгледан на генералното собрание во Велс во февруари, а предвидено е да се спроведе следната сезона.
