back to top
7.8 C
Skopje
понеделник, 5 октомври , 2026

Како да се ослободите од салото на стомакот: Истражувањата покажуваат дека е полесно отколку што мислите

Други наслови

Научните истражувања сугерираат дека за да се одржи добра форма и да се ослабне, можеби не е потребно одење во теретана неколку пати неделно.

Научниците од Факултетот за јавно здравје при Медицинскиот факултет на Универзитетот во Хонг Конг дојдоа до изненадувачко откритие: брзото одење во интервали, кое се изведува само еднаш неделно, може да го намали процентот на телесни масти и да ја подобри кардиореспираторната кондиција кај возрасни со абдоминална дебелина (вишок масни наслаги околу абдоменот) подеднакво ефикасно како и традиционалните програми за вежбање три пати неделно.

Оваа студија , објавена во научното списание „Nature Communications“, укажува на нов, многу поефикасен пристап кон вежбањето во однос на времето. Ова би можело да им го олесни одржувањето на физичката активност на луѓето со зафатен и напорен распоред.

Зошто е ефикасен интервалниот тренинг?

Интервалниот тренинг вклучува наизменични кратки периоди на интензивно вежбање со периоди на закрепнување со помал интензитет. Во споредба со континуираното вежбање со умерен интензитет (како редовно џогирање), овој метод се смета за поефикасен за намалување на вкупните, но и висцералните (внатрешни) масти што ги опкружуваат органите.

Сегашните здравствени упатства обично препорачуваат интервален тренинг три пати неделно. Сепак, професорот Парко Сиу Минг-фаи, раководител на Одделот за кинезиологија на HKUMed, истакнува дека хроничниот недостаток на време е главната пречка за повеќето луѓе кои се борат со дебелина. Поради ова, неговиот тим сакал да тестира дали истата здравствена корист може да се постигне со помала фреквенција на тренинг, под услов вкупното време поминато во вежбање да остане исто.

Во тригодишна клиничка студија (спроведена од септември 2021 до септември 2024 година), учествувале 315 возрасни лица со прекумерна тежина и изразена абдоминална дебелина. Испитаниците биле случајно поделени во три групи:

– група со тренинг еднаш неделно: тие правеа еден интензивен интервален тренинг во траење од 75 минути

– група со тренинг три пати неделно: тие имаа исти 75 минути неделен тренинг поделени во три пократки сесии

– контролна група: тие не вежбале, но посетувале предавања за здравствено образование на секои две недели.

Структурата на мастите и составот на телото беа мерени со прецизен метод на рендген (DEXA скенирање) пред почетокот на студијата, по 16 недели (веднаш по завршувањето на програмата) и по 32 недели (контролно следење).

По 16 недели, резултатите ги изненадија научниците. Двете групи со вежбање покажаа речиси идентични резултати во губењето на тежината: беа забележани еднакви намалувања на вкупната масна маса, процентот на телесни масти и обемот на половината. Исто така, двете групи постигнаа значително подобрување во работата на срцето и белите дробови во споредба со контролната група која не вежбаше.

„Иако сè уште се препорачува тренинг три пати неделно, нашите податоци покажуваат дека вежбањето еднаш неделно обезбедува слични придобивки и е исклучително практична стратегија“, рече професорот Сиу. „За многу луѓе кои балансираат помеѓу работата, семејството и другите обврски, времето е најголемата пречка. Наместо да инсистираме само на чест тренинг, мора да го прифатиме моделот еднаш неделно како изводлива и ефикасна алтернатива.“

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести