– Кинеската амбасада во нашата земја оценува дека туристичките капацитети што ги нуди Маврово-реканскиот регион претставуваат многу добра можност за соработка во областа на туризмот со општина Маврово и Ростушe. Исто така, постојат можности за соработка во областа на културата, бидејќи вредностите на мултикултурализмот се меѓународни вредности, како и за инвестиции во локалната економија. Ова, меѓу другото, беше нагласено за време на посетата на кинеската амбасадорка, Џанг Сјаојан, на општина Маврово и Ростуша, каде што оствари средба со градоначалникот на општината, Онер Јакупоски.
Од кабинетот на градоначалникот соопштија дека посетата била многу ефикасна, бидејќи кинескиот дипломат оценил дека руралната општина Маврово и Ростуша има посебна убавина и нуди услови за развој на летен, зимски и алтернативен туризам. „Фокусот на разговорите беа одличните можности што ги нудат туристичките капацитети на Маврово и Реканскиот регион. Детално ги презентирав природните убавини и уникатните локалитети на Националниот парк Маврово, додека заклучивме дека општината е една од најуникатните во однос на вредностите на туристичката дестинација, не само во регионот, туку и пошироко“, се вели во соопштението на градоначалникот на општината, Онер Јакупоски.
За време на разговорите со кинеската делегација во оваа рурална општина, која над 90 проценти од својата територија ја има во рамките на Националниот парк Маврово, беше нагласено и големото значење на локалното население, традициите и карактеристичната гастрономија на регионот. Мултикултурализмот и вековните традиции на жителите беа оценети како голем адут на овој регион на Македонија. На крајот од средбата беше заклучено дека Кина е заинтересирана за промоција на туризмот, со цел зголемување на бројот на странски туристи, развивање на размена во областа на културата и инвестирање во локалната економија.
