Во Сплит стапи на сила забраната за продажба на алкохол по 21 часот до утрото следниот ден, која, како што е наведено, е донесена во интерес на заштита на јавното здравје, јавниот ред и мир, културното наследство и животната средина.
Оваа мерка стапи на сила во Сплит синоќа во 21:00 часот и се однесува на ограничување на продажбата на сите видови пијалоци што содржат алкохол. Забраната важи до 6 часот наутро секој ден.
Како што соопшти Град Сплит, одлуката е донесена во согласност со Законот за трговија, со кој се ограничува продажбата на алкохолни пијалоци во продажните објекти на целото подрачје на Сплит и ќе се применува до 15 септември.
Оваа мерка не се однесува на угостителските објекти, а Градот испрати барање до сите деловни субјекти и граѓани кои, како што истакнуваат, ќе придонесат за остварување на целта за која е донесена оваа мерка, во корист на целата локална заедница, со почитување на одлуката.
