Премиерот Христијан Мицкоски денес изврши увид во градежните активности на автопатот Гостивар-Букојчани, нагласувајќи ја стратешката важност на поврзувањето на земјата преку главните коридори 8 и 10.
Според него, инфраструктурните проекти што се реализираат во моментов, од патната и железничката мрежа, до енергетската и гасната врска, претставуваат темел на долгорочната визија за Македонија како регионален транспортен и енергетски центар.
„Изградбата на модерни автопати, модернизацијата на железницата, развојот на брза железница по Коридорот 10, како и поврзувањето на енергијата преку нови далноводи и гасоводи, се дел од поширок стратешки процес. Интензивно се работи и на поврзувањето на гасоводот со Грција, а оваа недела ќе биде објавен тендерот за гасоводот до Србија, за кој веќе се земени сите потребни мислења. Поврзувањето на гасоводот од Солун до Македонија е исто така во функција“, нагласи премиерот.
Мицкоски нагласи дека со реализацијата на овие проекти, земјата се приближува кон целта да стане регионален енергетски и транспортен центар.
Тој најави и континуирана поддршка од Владата за инвестиции во инфраструктурата, изразувајќи очекување дека преостанатиот дел од автопатот Кичево-Охрид наскоро ќе биде пуштен во употреба, како и гасоводно поврзување со Грција, чие завршување се очекува во првата половина од следната година.
Автопатот Гостивар-Букојчан, кој се реализира во рамките на проектниот пакет „Бехтел и Енка“, моментално е во интензивна фаза на изградба, со активни работи на околу 11 од вкупно планираните 31 километар.
