Поддршката на шведските граѓани за воведување на еврото опаѓа втора година по ред, што покажува дека Швеѓаните сè уште имаат доверба во сопствената валута, шведската круна, во нестабилни економски времиња, според истражувањето на Статистика Шведска (SCB).
Уделот на граѓаните кои сакаат да ја заменат круната со заедничката европска валута падна на 28,7 проценти во споредба со 32 проценти минатата година, според „Блумберг“.
Повеќе од половина од испитаниците, или 52,1 процент, се изјаснија против воведувањето на еврото , што дополнително го продлабочи јазот меѓу поддржувачите и противниците на промената на валутата.
Министерката за финансии Елизабет Свантсон најави дека владата, во случај на победа на општите избори во септември, ќе започне официјална истрага за предностите и недостатоците од преминувањето кон еврото, но политичката сцена не е едногласна по ова прашање.
Владејачките либерали го гледаат еврото како шанса за зајакнување на безбедносните и економските врски поради заканите од Русија, додека десничарските Шведски демократи бараат референдум и најавуваат кампања против напуштањето на круната.
Социјалдемократите, најголемата опозициска партија, наведуваат дека во моментов не ја поддржуваат иницијативата за преминување кон еврото.
Застапниците на усвојувањето на еврото истакнуваат дека повеќе од 60 проценти од шведската трговија е со блокот на ЕУ и дека единствената валута би го олеснила извозот, но мнозинството граѓани се против укинувањето на круната , што го потврдија со гласање на референдум во 2003 година.
