Откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган упати најостри критики кон Израел и го спореди Бенјамин Нетанјаху со Адолф Хитлер, следуваше брз, исклучително остра реакција од израелскиот премиер.
Нетанјаху не ги штедеше зборовите, а во својата официјална реакција го нарече турскиот лидер диктатор и го обвини за сериозни кршења на човековите права и поддршка на тероризмот.
„Антисемитскиот диктатор Ердоган – кој врши геноцид врз Курдите, ја поддржува терористичката организација Хамас, го угнетува сопствениот народ и ги затвора политичките соперници – е последната личност што може да ѝ дава морални лекции на државата Израел“, рече Нетанјаху.
Продолжувајќи го својот одговор, израелскиот премиер ги отфрли сите обвинувања на Ердоган за геноцид во Газа, нагласувајќи дека постапките на неговата земја се легитимни.
„Државата Израел и Израелските одбранбени сили (IDF), како најморална војска во светот, ќе продолжат да преземаат силни мерки против Иран [и неговите сојузници]“, додаде Нетанјаху.
Бруталната размена на обвинувања означува ново дно во односите меѓу Анкара и Тел Авив, кои со месеци се во застој поради израелските воени операции во регионот. Додека Ердоган повикува на формирање „хуманитарен фронт“ за да се запре Израел, Нетанјаху возвраќа со префрлање на фокусот кон внатрешната политика на Турција и регионалното влијание на Иран.
