Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им нареди на дипломатите да ја променат официјалната позиција на Израел за Фолкландските Острови во корист на Аргентина, објави британски „Телеграф“, повикувајќи се на извор запознаен со ова прашање.
Според весникот, промената е видлива во изјавата на израелскиот амбасадор во Обединетите нации, Дени Данон.
„Израел ја признава важноста што аргентинската јавност ја придава на ова прашање, како и своите напори преку дипломатски канали и во согласност со принципите на меѓународното право“, рече Данон во ОН минатата недела.
Извор на „Телеграф“ тврди дека текстот на соопштението бил одобрен на највисоките нивоа на израелската влада и дека ова е прв пат Израел да се вклучи во овој конфликт.
Израел формално не застана на страната на Аргентина, но GB News пишува дека промената предизвикува стравувања дека би можела да го стори тоа во иднина.
Промената на ставот доаѓа откако британскиот министер за надворешни работи, Ед Милибанд, воведе мерки против компаниите вклучени во активности во израелските населби на окупираниот Западен Брег.
Во септември, британската влада објави забрана за увоз од нелегални населби и санкции врз поединци и компании кои им обезбедуваат услуги на доселениците.
Потоа израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, го повика Нетанјаху да го признае аргентинскиот суверенитет над островите, кои Аргентина ги нарекува Малвини, и да воведе санкции врз Велика Британија „сè додека трае окупацијата“. Аргентинскиот претседател Хавиер Миел ја сподели својата објава на социјалните мрежи.
Потоа Милибанд ги нарече тврдењата на израелските официјални лица дека Фолкландските Острови се окупирана аргентинска територија апсурдни и погрешни.
Спорот има и економска димензија. Израелската компанија „Навитас Петролеум“ поседува 65 проценти од акциите во проектот за нафта „Си Лајон“, околу 220 километри северно од Фолкландските Острови, а преостанатите 35 проценти ги поседува британската компанија „Рокхопер“. Аргентина во септември објави дека ќе поднесе кривични пријави против компании поврзани со „Навитас“ за работа без дозволи во спорните води.
Милеи предупреди на Генералното собрание на ОН дека Аргентина може да биде принудена „да ги земе работите во свои раце“, но неодамна за „Телеграф“ во Мадрид изјави дека не верува во воени решенија и дека ќе ги врати Фолкландските Острови преку дипломатски канали.
Велика Британија ја врати контролата врз островите во војната во 1982 година, по аргентинската инвазија. Во конфликтот загинаа 649 аргентински и 258 британски војници. Поголемиот дел од приближно 3.600 жители на островот ја поддржуваат британската власт.
