Изградбата на вториот сегмент од железницата кон Бугарија, на делницата Бељаковце – Крива Паланка, се одвива со вкупен напредок од 36 проценти, додека се очекува целото железничко поврзување со Бугарија да биде завршено до 2031 година, изјави денес вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николовски, при увидот во работите на Коридорот 8.
Николовски, кој заедно со директорот на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, ја посети трасата, нагласи дека станува збор за еден од најсложените инфраструктурни проекти во земјата, со должина од 34 километри, каде што се градат 29 мостови, 15 тунели, шест надвозници и три подвозници.
„Ова е исклучително предизвикувачки инженерски проект. На само 34 километри имаме 29 мостови, 15 тунели – најголем број тунели некогаш изградени во Македонија, шест надвозници, три подвозници, три железнички станици, две станични згради и три услужни објекти“, рече Николоски.
Железничката линија е проектирана за брзини од 100 до 120 км/ч, додека највисокиот столб на мостот достигнува 61 метар. Според него, напредокот на градежните работи е 31 процент, додека вкупната имплементација на проектот е 36 проценти.
„Очекувам дека до октомври 2028 година, поточно до последниот квартал од 2028 година, возовите веќе ќе сообраќаат тука“, изјави Николоски.
Тој информираше дека по завршувањето на вториот сегмент, ќе продолжи изградбата на третиот сегмент кон границата со Бугарија, за што веќе е објавен тендерот за избор на надзорен орган, додека се очекува во наредните недели да биде објавен и тендерот за изградба.
Одговарајќи на новинарски прашања за тоа кога се очекува целосно да се заврши проектот за железничко поврзување со Бугарија, Николоски рече дека целта е до 2031 година да се заврши целата траса, вклучувајќи го и тунелот што треба да се изгради заеднички со бугарската страна.
„Очекувам, според она што го ветивме, до 2031 година да го завршиме целиот сегмент, заедно со тунелот што треба да го изградиме заедно со Бугарија. Целта е проектот да биде завршен од двете страни во 2031 година, бидејќи е точно дека има железничка линија од Софија до Ѓуешево, но е точно и дека на поголемиот дел од трасата мора да се изгради нова линија или постојната мора целосно да се реконструира“, рече Николоски.
