Подготовките за изградба на брзата железница на Коридорот 10 напредуваат со одлично темпо, додека јавните презентации на завршените студии ќе се одржат во август. По оваа фаза, ќе започне подготовката на договорите за финансирање и реализација на проектот, како и презентирањето на условите за финансирање пред Собранието, информираше денес вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.
Тој потврди дека крајниот рок за почеток на работите останува крајот на оваа година.
„Подготовките за изградба на Коридорот 10 напредуваат одлично. Студијата за животна средина и студијата за социјално влијание се завршени. На почетокот на август ќе бидат организирани јавни презентации – најмалку четири, во Скопје, Велес, Демир Капи и Гевгелија – каде што локалните жители ќе можат да се запознаат со содржината на документите. Станува збор за квалитетен документ од околу 1.600 страници што ги опфаќа сите аспекти. По презентациите, документот е предмет на преглед и вклучување на коментари од локалната заедница. Според договорот што го имаме, оваа фаза треба да биде завршена до 31 август, по што ќе преминеме на конкретизација и подготовка на договори за финансирање и за имплементација на проектот. Сè се одвива според планот“, изјави Николоски.
Николоски нагласи дека, во согласност со локалното законодавство за финансирање, условите ќе бидат јавно презентирани во Собранието и дека дотогаш не можат да бидат објавени за јавноста.
