Фондот за пензиско и инвалидско осигурување гарантира дека пензионерите немаат причина за загриженост по објавувањето на конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за работата на институцијата во текот на 2024 година.
Фондот нагласува дека исплатата на пензиите продолжува редовно, додека здравствените права на пензионерите остануваат целосно загарантирани.
Од Пензискиот фонд велат дека зголемените обврски кон Фондот за здравство и вториот пензиски столб се последица на зголемувањето на пензиите за околу 347 илјади пензионери, а не на финансиски проблеми во институцијата.
Според ревизијата, до крајот на февруари, Фондот имал обврски од 136,4 милиони евра за здравствено осигурување на пензионерите и 42,2 милиони евра нераспределени придонеси во приватни пензиски фондови.
Пензискиот фонд дополнително нагласува дека веќе се преземени мерки за подобрување на финансиското управување и дека не постои ризик за функционирањето на пензискиот систем.
