Плунката би можела да содржи индиции за скриени знаци на болест, според ново истражување кое открило дека микробите во устата можат да откријат обрасци поврзани со два облика на рак на желудникот и дебелото црево.
Научниците веруваат дека овие резултати еден ден би можеле да доведат до развој на поедноставен и помалку инвазивен скрининг тест , кој би користел брзо плакнење на устата наместо традиционален примерок од столицата, објавува „Њузвик“ .
Студијата , објавена во списанието „Cell Host & Microbe“ , ја испитуваше врската помеѓу бактериите присутни во устата и оние што се наоѓаат во дигестивниот систем.
Истражувачите откриле дека составот на овие микробиоми се разликува во зависност од здравствената состојба, што отвора можност примероците од усната шуплина да се користат за откривање на одредени болести во иднина.
Оралните микроби би можеле да помогнат во откривањето на рак на желудник и дебело црево
Најсилните сигнали беа забележани во врска со ракот на желудникот и дебелото црево , меѓу најчестите гастроинтестинални карциноми.

Според проценките на Американското здружение за рак, во текот на 2026 година, во САД би можеле да се регистрираат околу 31.510 нови случаи на рак на желудник и 108.860 случаи на рак на дебело црево .
– Многу видови микроби поврзани со устата се присутни и во цревата, каде што можат да преживеат. Затоа сакавме да утврдиме дали оралните микроби се однесуваат различно во гастроинтестиналниот тракт кај луѓето со рак – изјави водечкиот автор на студијата Џихјун Ф. Ким од Универзитетот Јонсеи во Сеул.
За да ја тестираат оваа претпоставка, истражувачите вклучиле 507 волонтери, од кои биле собрани примероци од усната шуплина и примероци од столицата.
