Повеќе од 400 лица, претежно малолетници, се приведени во Франција поради студентските протести во средните училишта низ целата земја, изјави францускиот министер за внатрешни работи. Протестите започнаа пред една недела и се проширија низ целата земја, јавува Би-Би-Си.
Учениците блокираат многу училишта поради низа проблеми, како што се преполни училници, оптоварување од сеопфатна образовна програма и недостаток на наставен кадар.
Најмалку 10 наставници и неколку ученици, како и 48 полицајци, беа повредени за време на вчерашните протести, соопштија официјални лица.
Според Министерството за образование,
најмалку 400 училишта биле погодени од протестите .
Француските медиуми објавија дека демонстрантите испукале петарди кон полицијата, која одговорила со палки и солзавец.
Министерот за образование Едуард Зефре вели дека учениците имаат право на протест, но го осуди насилството.

Протестот на средношколците доби на интензитет во последните денови.
Пред влезовите на многу средни училишта во Париз и други градови, учениците поставија блокади со транспаренти.
