Најголемите светски компании што произведуваат ултра-преработена храна користат судски постапки за да ги забават или спречат мерките насочени кон заштита на јавното здравје , предупреди генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус.
Попречување на глобалната борба против дебелината
Како што објавува „Бонитет “, првиот човек на СЗО тврди дека мултинационалните прехранбени корпорации поднесуваат тужби против владите кои се обидуваат да воведат построги правила за означување на производите, да го ограничат рекламирањето на нездрава храна или да воведат даноци на производи со висока содржина на шеќер, сол и масти.
Според него, на овој начин тие ги отежнуваат глобалните напори во борбата против растечката дебелина.
Тедрос предупреди дека ваквите судски постапки носат дополнителни милијарди долари трошоци за земјите , како преку судски спорови, така и преку одложување на мерките што треба да го подобрат јавното здравје.
Болести поврзани со нездрава храна
Во исто време, како што наведува тој, последиците за здравствените системи продолжуваат да растат поради зголемениот број луѓе со болести поврзани со нездрава исхрана.
Според проценките на Светската здравствена организација, повеќе од една милијарда луѓе ширум светот живеат со дебелина, поради што оваа организација во последните години апелира до земјите да воведат поефикасни мерки за намалување на потрошувачката на производи со висока содржина на шеќер, сол и заситени масти.
Генералниот директор на СЗО оцени дека интересот на јавното здравје мора да има предност пред комерцијалните интереси и рече дека владите не треба да ги напуштат регулативите насочени кон заштита на граѓаните, и покрај притисокот од големите прехранбени компании
