Рускиот претседател Владимир Путин денес потпиша указ со кој ги обврзува сопствениците на приватни центри за обработка на податоци да резервираат 10 проценти од своите расположиви просторни и технички капацитети за потребите на државата.
Оваа обврска се однесува на центри кои не се во сопственост на државни органи и институции, а резервираните капацитети мора да бидат обезбедени во рок од 10 дена од стапувањето во сила на регулативата, објавува „Комерсант“.
Сопствениците на центрите ќе мора да ги стават на располагање во рок од 24 часа од донесувањето на таквата одлука, а цената на услугите не смее да го надмине максималниот износ утврден од надлежната комисија.
На Министерството за дигитален развој на Русија му е доверено да ги наведе слободните простори и капацитетите на приватните центри за податоци и да ги утврди задолжителните барања за сигурност на нивната работа.
Регулативата беше донесена во време кога руските центри за податоци станаа цел на напади во војната со Украина.
Во октомври, украински беспилотни летала погодија три објекти на технолошката компанија „Јандекс“, центарот за податоци на „Сбербанк“ и серверскиот објект на социјалната мрежа „ВК“, објавија медиумите.
Нападите врз објектите на „Јандекс“ предизвикаа прекини во работењето на одредени услуги, вклучувајќи пребарување на интернет, навигација, плаќања и услуги во облак.
