Вечерва избувна пожар на танкер за нафта што пловел под знамето на Коморските Острови, додека бил закотвен во територијалните води на Романија. Во оваа пригода се огласи бугарскиот политичар Ивајло Мирчев, велејќи дека Путин „од синоќа напаѓа територија на НАТО“.
Романскиот министер за одбрана Раду Мируца изјави дека засега не е јасно дали бродот бил цел на нападот со беспилотни летала, додека истрагата за инцидентот е во тек.
Според Романската агенција за спасување на човечки животи на море (ARSVOM), Поморскиот координативен центар (MRCC) побарал интервенција од службата за спасување поради инцидентот на бродот „Јара Џеј“ во областа на Сулина, објави романскиот Digi24.
Според информациите што ги дадоа романските медиуми, членовите на екипажот пријавиле дека бродот бил погоден од дрон .
Романското Министерство за надворешни работи објави дека од првиот извештај е во постојан контакт со надлежните национални институции и тела.
Инцидентот се случил во времена зголемени безбедносни тензии во регионот на Црното Море , откако романското население во северниот дел на округот Тулка доби неколку предупредувања во среда за можен упад на беспилотни летала во воздушниот простор на земјата.
Романското Министерство за одбрана објави дека во текот на денот биле подигнати борбени авиони за да ја следат ситуацијата, откако беспилотни летала постојано влегле во романскиот воздушен простор во близина на границата со Украина.
„Од синоќа, Путин напаѓа територија на НАТО“
Бугарскиот политичар Ивајло Мирчев зборуваше за овој пожар, оценувајќи дека инцидентот претставува ново ниво на ескалација во Црното Море .
„Нов танкер штотуку беше погоден во Црното Море. Овој пат во територијалните води на Романија, осум наутички милји од брегот. Ова е ново ниво на ескалација“, напиша Мирчев на социјалната мрежа X.
Тој потсети дека пред неколку дена бугарската влада тврдеше дека Русија потонува бродови во ексклузивната економска зона на Бугарија, а не во територијалните води, кои се протегаат до 12 наутички милји од брегот.
„Од синоќа, Путин напаѓа територија на НАТО “, рече Мирчев, критикувајќи ја, како што оцени, неодлучноста на бугарската влада во одговорот на безбедносните закани во регионот.
Според него, тој очекува властите овој пат да избегнат решителна реакција и да почекаат ситуацијата да се смири.
„Диктатори како Путин најмногу го сакаат таквото неодлучно однесување и поради тоа удираат уште посилно. Бугарија мора да ги заштити интересите и безбедноста на своите граѓани. Чекорите се јасни. Сега е ред на Радев“, рече Мирчев, повикувајќи го бугарскиот претседател Румен Радев да реагира.
